Додај свој спин!

Поглавје 2: Фобос

– Ама шефе…

– Знам Чимп, ама должноста пред се – повторно го прекина Сен Ру – со Лео сте добар тим. Очекувам позитивен резултат… И поздрав до Магда.

– Извинете шефе?

– Да?!

– Имам само едно прашање. Зошто со инспекторот Лео треба да се најдам на Фобос? Не ми е проблем, јас со чимпонетот ќе стигнам таму за една недела, ама ќе мора да ја поминам и нашата планета, а вака, кога сум веќе на Ве…

– Да не одолговлечуваме, се ќе ти стане јасно кога ќе се чуете со Лео. Тој утре заминува од Земјата и ќе те чека таму, на Фобос. Немаме време за чекање. Тогаш, среќен пат и уште еднаш, поздрави ја Магда. – и шефот Сен Ру го прекина разговорот.

Кутриот Чимп. Несмасно ги поткрена рамениците и пропелтечи: – Извини Магде, Магдичке, слушна што ми наредија.

– Слушнав – рече таа, потоа повесело додаде: – Што е, тука е. Се враќаме на Земјата, потоа ти продолжи… И не се секирај, сигурно ќе имаме уште некоја прилика да дојдеме на ова прекрасно место – го тешеше Магде.

– Да, да – се уфрли Амброзиј – Кога ќе завршите со бизнисот, дојдете ни пак. Еве имате од нас викенд гратис.

Па додаде, потивко: – Извини за мојата индискретност, Чимп, може и да не ми одговориш, но што работиш?

– Помлад инспектор во 15-та интерпланетарна полициска – одговори Магда наместо него.

– Помислив дека е нешто такво.

 

* * *

 

Сега, додека Магде и Чимп, после прекинатиот викенд, се враќаат на планетата Земја, авторот чувствува потреба да разјасни некои деталји во нашава вселенско-детективска приказна.

Како го замислувате инспекторот Лео?, се прашуваме, оти тој, очигледно, е уште еден важен лик во приказната.

Како Чимп и тој, претпоставувате, е инспектор. Но, не „помлад“, туку инспектор со искуство. И не само тоа – во неговото семејство со генерации се гордееја со успешни чувари на редот. Имено, таткото, и дедото, и прадедото, и така натаму кон минатото, сите му служеа на законот, како полицајци, детективи, инспектори…     Оттаму и нашата претпоставка дека Лео го доби името за да се истакне неговата идна сила и стравопочит што таа сила ќе го предизвикува.

Но, слично како и кај Чимп, името на инспекторот Лео баш не му беше погодено на изгледот. Иако Лео асоцира на лав, инспекторот Лео не беше ниту голем, ниту силен, со широки раменици и громогласен глас, туку ситен, црномурест и… со прилично голем нос. Тој нос, според наше мислење, е значаен, затоа што велат дека добрите детективи имаат добар нос за да ги откријат најкомплицираните злосторства. Инспекторот Лео навистина умееше да ги намириса виновниците. Жителите населени по планетите на Сончевиот систем живееја, работеа, се вљубуваа, се дружеа, но некогаш правеа кражби и разбојништва. Затоа сум тука јас, беше убеден нослестиот инспектор Лео, мојата задача е да ги фатам и да ги казнам тие лоши човечки елементи. Инаку, тој живееше скромно, во двоипол собен стан со жена му и ќерка му Лидија.

Второто прашање важно за натамошниот развој на приказната би било: Како го замислувате сателитот Фобос? Каде се наоѓа штом  Чимп и Лео треба да се сретнат таму?

Фобос е природен сателит, еден од двата, вториот е Дејмос , на планетата Марс. Фобос е поголемиот, и многу одамна, кога луѓето почнаа да го населуваат Марс, тој бил користен како почетна станица откаде се планирало населувањето на планетата. Всушност Фобос за Марс е како Месечината за Земјата, само многу поситен. Се одликува со уште неколку посебности: гледан од Марс, тој изгрева на запад, а заоѓа на исток, има неправилен облик, како компир. Значењето на „Фобос“ е „Страв“, што го прави погоден за нашата детективска приказна.Но додека Чимп и Лео, секој со своето возило патуваа кон него, Фобос воопшто не изгледаше страшно. Напротив, малечкиот сателит стана ексклузивноместоза богатите Марсовци. Некогашната интерпланетарна станица од каде првите мисии ги насочуваа истражувањата на Марс се преобрази во населба со најскапи вили. Додека долу, на планетата, во огромниот пренаселен Марсополис, се стискаа работните жители на планетата, неколкумината привилегирани богатуни уживаа во нивните раскошни, најсовремено уредени имоти.

 

* * *

 

Во меѓувреме, Чимп и Лео се слушнаа преку своите холофони. Поминаа неколку часа откако Магде и Чимп во својот „чимпонет“ ја напуштија Венера,и додека тие уживаа слушајќи го концертот за виолончело и оркестар во а-мол од Камиј Сен Сан (Магде несомнено влијаеше Чимп повеќе да ја засака древната класична музика), холофонот заѕвони. Чимп ја стивна музиката.

– Ало Чимп?

– Инспекторе Лео. Ние со Магда веќе појдовме…

– Магда? – Лео се уште не беше запознат со љубовната приказна на младата двојка.

–  Девојка ми Магде. Заедно бевме на викенд во Венера, кога шеф…

– Случајот е прилично заплеткан, колега Чимп, мислам овој криминалниот, што треба да го решиме.

–  А зоштонаФобос?

– Зашто таму, во својата вила на Фобос, е убиен Флоријан Маск.

– Флоријан кој?

– Флоријан Маск. Еден од директорите на „Venerit Primat Company“.

– Венерит Примат Компани? Па ние на Венера…

– Да, таму е седиштето на планетарната компанија. Но водат бизниси и инвестиции насекаде низ Сончевиот систем. А Флоријан Маск беше еден од главните членови на Управниот одбор. Инвестирал во угостителството. Негов е ланецот хотели „Чист воздух“

– Инспекторе, мислите ли дека убиството има некоја врска со „венеритот“?

– Се уште е рано да се каже, колега. Иако е неоспорно дека Флоријан Маск беше на мошне висока позиција.

– Имате ли информација како е убиен?

– Удавен. Во подрумот на својата вила. Ќе ги проанализирам податоците додека ќе те чекам да пристигнеш. Имаме резервирано во Марсополис, во хотелот …

– „Чист воздух“?

– Токму така, колега.

Откако разговорот заврши, Магда му го додаде специјалниот рибен сендвич што им го приготвија Дитка и Амброзиј.

– Вкусно.    – го загриза со очигледна возбуда од дијалогот со Лео.

– Срце е Дитка… – го погледна со охрабрување – Ќе успеете, Чимп. Ми изгледа дека овој инспектор Лео е прилично посветен на професијата.

– Да. Има големо искуство. Ама и јас, Магде…

– А бе знам, Чимпче, сигурна сум во тоа – му се фрли околу врата и звучно го бакна во образот.

Иако знаеја дека по пристигањето на Земјата, ќе мораат брзо да се разделат, патувањето им минуваше весело, во гушкања и шеги.

– Високи гребени, тиркизна вода, има ли нешто поубаво од тоа да слеташ на планетата Земја – викна Чимп воодушевено кога слетаа.

– Нема, Чимп, нема – се смешкаше Магде.

На Земјата мораа брзо да се организираат, немаше време освен за една чаша француско вино, добро и за малку сочни остриги, и Чимп веќе мораше да се пакува.

Додека Чимп го полнеше куферот, малку замајан од виното, но и од воздухот на неговата родна планета, Магде му довикна: – Чимп, на Фобос е постудено од овде, земи си палто.

За него не беше толку важно палтото, иако и тоа го зеде, колку малиот вреден ласерски стаписувач. За секој случај.

На испраќање, Магде му врза шал околу вратот и во џебот од куферот тутна нешто.

– Што стави таму? – се зачудиЧимп.

Таа го погледна со насмевка: – Ракавици. Може ќе ти притребаат (овие ракавици стварно ќе му требаат да се заштити од студено, но и за да не остави отисоци за време на истрагата. И тогаш ќе му текне колку паметен подарок му дала Магда).

Пред чимпонетот да полета, силно се гушнаа уште еднаш: – Ќе ми фалат нашите бакнежи. Ќе те мислам, Чимпче.

– И јас тебе, Магде…

Не поминаа ни два часа од патот, а холофонот заѕвони. Се израдува дека е тоа Магде, но дебелата фигура што се појави на холограмот воопшто не наликуваше на витката и привлечна телесна градба на неговата сакана.

– Чимп, до каде си? – го чу препознатливиот, зарипнат глас на Сен Ру.

– Шефе, еве јас патувам кон Марс.

– Знам Чимп, се чув со инспекторот Лео.Веднаш почнувате со истрагата.    Остануваме во контакт. Секој ден ќе одржуваме холо-состаноци.

 

* * *

 

На Марс, во хотелот, кај рецепцијата го пречека инспекторот Лео, кој воздржано се ракуваше со него.

– Инспекторе! Еве јас дојдов. – извикна Чимп – Да се истуширам, да се средам од патот, па одиме на кафенце-муабет.

– Немаме време колега. Качи во својата соба и среди се побргу. Треба да го посетиме секретарот на Флоријан Маск. За четириесет и пет минути имаме закажано кај него.

Во такси – изоподот, што потсеќаше на пајак, се упатија кон марсовското представништво на „Венерит Примат Компани“ што се наоѓаше во централниот дел на Метрополис. За дваесетина минути, колку траеше возењето низ густиот сообраќај од помали, како нивното такси, и џиновски изоподи по улиците на велеградот, Лео стигна да му ги скицира првичните сознанија – телото на господинот Маск е најдено во подрумските простории на неговата вила на Фобос, според патолошкиот наод удавен е по измачување, зашто по трупот имало подливи и модрици,сега одат кај неговиот долгогодишен секретар да разоткријат деталји околу интимниот живот на жртвата. Инспекторот Лео зборуваше тивко, со мали паузи меѓу речениците, не оставајќи му време на Чимп да се вмеша со прашања. Така стасаа до зградата на компанијата.

Вим Андерсон, секретарот на Флоријан Маск, висок и сув, црвенокос како и повеќето Марсовеци, ги прими во широката, директорска канцеларија на „Венерит Примат“.

– Добар ден, добродојдовте во нашиот офис – им се обрати со наместена насмевка – повелете, седнете.

– Благодарам. Лео Сотироски, инспектор во интерпланетарната полиција. Мојот помлад колега Чимп  …

Вим се исклешти, не сочекувајќи го презимето: – Чимп? Необично име. – и веднаш на Чимп му стана некако несимпатичен. Уште повеќе кога, во текот на разговорот, Вим се всредоточи на Лео, игнорирајќи го помладиот инспектор.

– Ќе се  обидам инспекторе. Иако сме пламенокоси, а Венеријанците, на пример, синокошци, сите ние во Сончевиот систем ја носиме генетиката на нашите претци. Што значи дека се уште не сме ослободени од алчноста, грабежливоста, иако се обидуваме тие наследени особини да ги смалиме, или барем скротиме. Така во нашата компанија ги почитуваме начелата за добро однесување

– Убаво кажано, но како успевате тоа да го примените во пракса?

– А и господинот Маск е сурово убиен – се уфрли Чимп – што баш не личи дека е поради пристојни меѓусебни односи.

Вим кисело се насмевна на забелешката и продолжи да му се обраќа на Лео:  – Не верувам, тоа е мое скромно мислење, декагосподинот Маск е убиен од човек одвнатре. Инспекторе, не знам колку ви е познато, но „Венерит Примат Компани“ постои со векови, и се потпира на, за тој долг период, разработена идеја за водење и заштита на нашиот бизнис. Со компанијата управува одбор од осум члена, намерно осум, за да во гласањето, кога се донесува одлука, има барем два разлика. Претседателот, или претседателката, се менува на секои четири години.

– Сфаќам – промрмори Лео – За истрагата е важно да дознаеме поточно какви се релациите меѓу членовите на Управниот одбор.

На Чимп му се причини дека Вим малку се замисли. Или се намурти: -Па, не е баш така лесно. Членовите на Одборот се постојано зафатени, патуваат од едниот до другиот крај на Сончевиот систем.

– Ама не преблиску до Сонцето – забележа Чимп.

Лео му даде знак да се смири.

– Освен тоа, живеат на различни планети   – беше упорен Вим – Едниот на Сатурн, двајца на Земјата, еден на Месечината и тројца на Венера.

– Нема никаков проблем за комуникација. Па ние сме во 2247-та година – мирно кажа Лео – Јас веќе имам основни податоци за секој член на Одборот.

– Сигурен сум во тоа – се обиде Вим да биде ироничен. „Ми оди на нерви“, помисли Чимп.

– Не интересира уште нешто – продолжи Лео мртов-ладен – Господинот Маск веќе подолго време живеел одвоено од сопругата.

– Да, таа сосема се посвети на своите уметнички проекти. Но, господин Маск беше најкоректен кон неа. Инаку, таа го користи својот уметнички псевдоним. Андромеда Бјути и…

„Не е можно! Андромеда Бјути! Лео ништо не ми кажа за ова“, Чимп беше навистина изненаден.

Преубавата Андромеда, блондинка со обетка во носот, модна икона што го промовира актуелниот ретро тренд, со враќање на панк модата од крајот на далечниот 20 век. Иако, како родена Марсовка беше црвенокоса, таа си ја обои кусата коса во сино. Актерка, танчерка,  позната и обожувана од машката, имитирана од женската публика ширум целата вселена. Добро, не баш од сите, Магде на пример, не паѓа на такви трендови.

–  Да, чув дека имаше успешна интерпланетарна турнеја. Но и дека многу троши на луксуз. А и дека е наследничка на огромно богатство во случај на смртта на господинот Маск – занесен во мислите, некако го дослушна гласот на инспекторот Лео.

Вим како едвај да дочека да се зазбори: – Инспекторе Сотироски, повеќе од очигледно е дека Андромеда се омажи за господинот Флоријан зашто тој можеше да и отвори многу врати во кариерата и да ја направи ѕвезда. Меѓу нас, нејзиниот просечен талент не заслужува толкава слава, зарем не е така? Чиста копија и многу итра манипулаторка.

„Ти ќе ми кажеш!“, се налути Чимп, па се обиде што помирно да го праша: – Чија копија поточно?

– Не знам колку ве интересира современата поп музика – Вим продолжи да му зборува на Лео – но има неколку пеачки што Андромеда ги измешала и го добила тој смешен резултат што по се изгледа им се допаѓа на младите…

– Какви беа односите на Андромеда со господинот Маск? – го прекина Лео.

– Па тие и не живееја заедно. Таа, како што кажав, си ја тераше кариерата и само тоа ја интересираше. Ќе го побараше господинот Флоријан да ја финансира кога ќе влезеше во долг, таа, знаете, многу трошеше на најскапи марки гардероба, накити… Инаку ретко се гледаа. Нивното последно заедничко појавување беше на годишната прослава на „Венерит Примат Компани“. Андромеда го искористи тој настан да промовира некаква си идеја за подигање на свеста за транс-планетарците. Нова мода.

„Да видам што сега ќе кажеш“, Чимп одлучи намерно да не го прекинува.

– Транс-планетарците, тоа вам инспекторе ви е добро познато, си замислуваат одвнатре, од нивната душичка, дека не се од својата, туку од друга планета. На некој си Нептуновец ете може да му текне да се чувствува како Марсовец! – извика и го испушти здивот кратко и презриво…

– Секој тело што се оддалечува ја менува својата боја – не издржа Чимп.

Вин го погледа глупаво и продолжи да дрдори: – … крајно амбициозна жена. Се би направила за слава и пари. Постојано нешто и текнува и веднаш сака да го оствари, а тука и беше господин Флоријан кој до самиот крај ништо не одбиваше… последен пат и префрли на нејзината сметка над два милиони вевра…

Чимп едвај додржи да заврши состанокот. Дрдорењето на Вим му стана неподносливо, за разлика од Лео кој го слушаше без најмал знак на нервоза. На поаѓање, пред излезот од офисот, Вим цврсто и предолго се ракуваше со Лео и го праша со наместена, исклештена насмевка: – Вашето презиме, почитуван инспекторе, завршува со „ипсилон“?

– Не, со „и“ – процеди Лео.

 

 

* * *

 

– Ќе се видиме со Андромеда Бјути? – беше првото прашање што Чимп му го постави на инспекторот Лео штом влегоа во изопод-таксито на враќање кон хотелот.

Лео не можеше, а да не се насмевне: – Треба да се провери каде е. Во живо, што не верувам, или холограмски.

– А кога мислите инспекторе дека ќе ја договориме средбата?

– Кога ќе дојде на ред. Прво треба да се посети местото на злосторството, на Фобос. А пред тоа, малку да прездивнеме, па се гледаме на ручек во хотелскиот ресторан. Попладнево одиме на Фобос, близу е, за помалку од час сме таму.

– Во право сте – а по куса пауза, при која што се почеша по главата, го погледна Лео од косо: – Не знам кое е вашето мислење, но мене оној Вим ми одеше на нерви…Освен тоа, едностраноста не ни е омилена, нели?

– Како мислиш, Чимп?

– Па иако Андромеда е планетарно позната и веројатно многу може да се дознае за нејзиниот живот, сепак она што го зборуваше Вим се негови субјективни, злобни претпоставки.

– Може да се каже, но дека добила два милиони вевра, колега, тоа  е факт.

– Да, но ако редовно добивала пари, зошто би имала интерес тој да умре? Сигурно пак, без проблем, би и дал уште некое милионче.

Во меѓувреме, таксито стигна до хотелот. Чимп имаше впечаток дека постариот колега е задоволен од него:  – Во почетокот треба да се концентрирамена осветлување на поединечни парчиња од сложувалката. Ќе соработуваме колега. Сега одмори се и за час и пол се гледаме во ресторанот.

Ама Чимп во собата не сакаше да се одмара. Иако беше релативно свеж во детективската работа, беше свесен за многузначноста во случајот на убиството на Флоријан Маск. И дека на почетокот е тешко да се види целината.

Веднаш и се јави на Магда. Се израдува штом и го слушна гласот, а уште повеќе кога ја виде како изгледа. Најзгодната негова Магде! И изнаприкажа за разговорот со непријатниот секретар Вим и дека попладнево одат на Фобос.

– Не заборавај топло да се облечеш… и шалот и ракавиците. Те сакам, Чимпче – нејзиниот глас потпевнуваше и го исполни со топлина во градите (иако и централното греење во хотелот беше сосем ок).

 

* * *

 

Во ресторанот, Чимп за себе нарача ариес-бифтек, со бело вино. Лео чорба од зеленчук, што почна тивко да ја срка со рамномерни голтки. За пијалок зема шишенце обогатена вода, која што, откако ја исрка супата, ја испи со кесичка „Селен + Цинк Директ“.

– Витамини, инспекторе? За имунитет?

Лео не искоментира, па Чимп брзо продолжи да ја разбие паузата: – Овие роботи-келнери се навистина спретни и љубезни.

– Да – одговори Лео кусо  – Привршувај со ручекот, колега, време е да се појде на Фобос.

Триесетина имоти на најбогатите Марсовци беа распослани по не баш големата поврвнина на Фобос – тајкуни и политичари, но и други моќници, кои тука изградија најсовремени живеалишта. На пример, првиот комшија на Флоријан Маск беше адмиралот Џеронимо О’Браен, командант на меѓупланетарната ракетна флота за брза интервенција.

Вилата на Флоријан Маск беше стандарно богата.

Изборот на полисетилните слики во вилата  – мртвата природа со кринови што занесно мирисаа како да се свежо набрани, или пејзажот на јупитеровите облаци со дискретно наслушнување на фучењето на ветровите и грмежот на моќните молњи – сведочеа за благостаромодниот вкус на господинот Маск. Единствено портретот на Андромеда Фјури, што го красеше централното место во салонот, каде таа беше представена како трча во лесно фустанче, што тродимензионално се вееше, откривајќи ги витките, бели нозе, беше поразигран и посмел од останатите слики.

Тука, во салонот,  ги сочека патологот, Хектор Вулф, уште понизок од Лео, кој на Чимп му наликуваше на некое старо, ќелаво детенце со мустаќи. Ни во движењата ја немаше марсовската агилност. Плус, малку пелтечеше.

Се поздравија со инспекторот Лео како соработници од поранешните истраги.

– Какви се резултатите, Хектор?

– Зззбунувачки би рекол. Уббиецот е очигледно професионалец. Давењето рурутинско, без отисоци. Затоа не… не ми одат ненекои додокази.

– На пример?

– Пппричината за смртта е јасна, но не ми е јасно зззошто убиецот би ја малтретирал жртвата. И уште поповажно, зошто се чуввсувствуше толку јако мирис на јод, нанадразнувачки. Подрумот интензивно мимирисаше на јод. Коконценрација поголема од 0,2.

– Како намерно да сакал да каже дека е…  – се замисли Чимп.

– Нептуновец – го дополни Лео.

– Да – потврди патологот – Во ссекој случај, ненеобично… Го поповикав и адмиралот О’Брбраен. Мислам дека има нешто ининтересно за вас. Треба да пристигне за неколку минути.

Адмиралот, свежо избричен, ја носеше портокаловата униформа, иако без одликувањата со кои се најчесто се китат офицерите.

Лео и Чимп станаа да го поздрават, ама малку збунето.

На десното раме на адмиралот чучеше голема црна птица, гавран.

– Ова е Гаврош – го представи адмиралот.

– Здраво! – гракна гавранот.

– Здраво – му отпоздрави Чимп.

– Гггавранот видел нешто – рече патологот Вулф.

– Со Гаврош живееме веќе дванаесет години. Многу добро се разбираме – дообјасни адмиралот – Таа ноќ кога се случи убиството, јас спиев. Но Гаврош беше буден и одтогаш постојано ми кажува една реченица.

– Која? – едновремено прашаа Лео и Чимп.

– Еве, самиот ќе ви ја каже. Гаго, што му кажа ти на тато Џеронимо? Што виде таа вечер?

Птицата се спушти по раката на газдата и го загледа со своите многу црни, блиско поставени очи.

– Што виде, Гаго?

– Човек иде! Човек иде! – гракна гавранот.

– Каков човек, Гаго?

– Човек иде криви! Човек иде криви!

Адмиралот со гордост го почешка Гаврош по главата: – Значи, убиецот куца на едната нога.

Баш во тој важен миг, заѕвони холофонот на Лео. Крупната фигура и зарипнатиот глас на Сен Ру го исполни салонот: – До каде сте колеги? Има нешто конкретно?

Тогаш го забележа адмиралот: – Адмирале О’Браен. Моја почит.

– Добар ден, главен инспекторе. Еве, со Гаврош малку да им помагаме на вашите момци.

Сен Ру воопшто не се збуни од присуството на Гаврош. Неговиот холограм дури се обиде да го погали гавранот, кој од своја страна исто незбунето го фокусираше.

– И до кои сознанија дојдовте?

– Напредуваме, полека – промрмори Лео – Мислиме дека убиецот да е двојна личност. Од една страна, професионалец, од друга, намерно се прави наивен…

– И Гаврош ни помогна да дознаеме дека накривува – додаде Чимп.

Сен Ру се замисли: – Убиецот како да сакал да се представи дека е со друг идентитет. Што мислите вие колега? – крупниот холограм се сврте кон Чимп.

Чимп примети дека сите, Лео, и адмиралот, и патологот Вулф заинтересирано го очекуваат неговиот одговор.

– Според мене шефе, убиецот е… транспланетарец – изговори Чимп.

– Лулуциден заклучок – го пофали патологот Вулф.

Сен Ру одобрувачки кимна со главата: – Продолжете така, колеги. Се чини ја фативте трагата.

– Се трудиме, шефе. – рече Лео – Утре, на пладне, закажавмехоло-кол со госпоѓата Андромеда Бјути.

„Навистина?!“ – радосно извика Чимп во себе, иако некако не му одеше „госпоѓа“ со Андромеда.

– Со ссреќа  – им се придружи патологот.

 

* * *

 

Мораше да и каже на Магде дека ќе имаат разговор со Андромеда Бјути: – Ама холограмски, Магде, не во живо – додаде.

– Па, убаво – кисело се насмевна Магда со приметна нотичка љубомора во гласот.

На Чимп му беше малку драго поради тоа, иако се потруди да изгледа што е можно побезгрижно: – Мислам дека нејзиното сведочење ќе ни биде од корист. Веднаш ќе ти јавам како ќе биде.

Андромеда ја побараа од хотелската соба на Лео. Нејзиниот холограм се појави во неочекувано лежерно издание – седната крснозе на мека, широка софа со боја на капучино, потпрена на две џиновски перници од чист, старовремски лен што се уште за големи пари се изработува на Земјата. Беше облечена во склад со мебелот во тенки, шалварести панталони со ситни шарки во темноцрвена, црна и песочна боја.

– Извинете што вака несредено изгледам („баш изгледа супер!“, помисли Чимп) – нејзиниот напукнат глас како зад себе да имаше неколкудневно тагување – Ужасно ме погоди неговата смрт. Цело време сум на седативи.

– Инспектор Лео Сотироски – во меѓувреме успеа да се представи Лео.

– Помлад инспектор Чимполион Пуенте – се уфрли и Чимп.

Да, токму така, почитувани читатели. Вистинското име и презиме на Чимп. Чимполион Пуенте. Нека го завршатвозбудливиот разговор со Андромеда Бјути, па ќе ви ја дообјаснам зошто токму тоа име и презиме. А сега да се вратиме на испитувањето што инспекторот Лео, со искрена дека Андромеда Бјути, освен што е неоспорно згодна, ќе им открие на инспекторите некој важен детаљ во оваа прилично комплицирана криминалистичка приказна.

– Знаете, јас и Флоријан… ние бевме повеќе пријатели отколку маж и жена – продолжи Андромеда развлечено, не престанувајќи со една рака да го чепка привезокот околу вратот – Го почитував и често се консултирав со него… и сега, да замине на таков начин, проклет да е тој што го уби…

– Бевте заедно на последната годишна прослава на Компанијата. – ја прекина Лео – Дали ви падна нешто во очи?

– Да, одржав таму и мини концерт. Го изведов својот хит „What are the planets in order?“. Полудеа од овации…Дали имаше нешто поинакво?…Па, не знам, според мене, вработените во „Венерит Примат“ се премногу приврзани на Компанијата. Барем тоа е мојот впечаток.

– Како тоа го мислите? – ја праша љубезно Чимп.

– Па, ако можам така да кажам, премногу се поистоветуваат со Компанијата.

– Тоа е едно главните начела за успешен бизнис.

– Да, тоа добро го знам и од сопствената професија. Треба да го сакаме она што го работиме. Но најмногу заради себе самиот … но кај нив, тоа е некако претерано. Една послушност за која му кажав и на Флоријан. Тој се согласи со мене, но не сакаше многу да зборува за тоа.

– А вие, како ги оценувате неговите односи со другите членови на одборот на Компанијата.

Андромеда пак го чепна привезокот: – Коректни. Не беше посебно близок со никого… освен со претседателката, г-ѓата Апасија Фјодоровна. Взаемно се уважуваа, а и таа неколку пати му беше на гости на Фобос, како и тој неа, во нејзиниот дом на Месечината.

– Интерено, интересно… – замрмори Лео, што Чимп го искористи да се вметне во разговорот: – Андромеда, имам уште едно прашање за вас, ако не ви досаѓаме.

– Воопшто не, драг Чимполион. Тука сум да помогнам колку можам.

– Драга Андромеда, вие сте една од најголемите подржувачи, да кажам икона на транспланетарното движење.

– Тоа го прифаќам како моја мисија, Чимполион. Како враќање на нашата суштинска поврзаност. Ние живееме на различни планети на Сончевиот систем и можеби со извесни малечки генетски измени, но сите сме луѓе. Луѓе! – нагласи – И мораме да се вратиме кон нашата заедничка човечка природа, за повистински да ги сакаме другите. И самите себе.

Откако разговорот со Андромеда заврши, Лео се сврте кон Чимп: – Што мислиш за Андромеда, колега… освен што е згодна?

– Беше опуштена. И тажна.

– Па, иако не знам колку е потресена од убиството, таа, додека зборуваше, во ниеден момент не се двоумеше. Претпоставувам дека беше искрена. Иако она за транспланетаризмот го кажа како научена рецитација.

 

* * *

 

Спин за наредно поглавје

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ЕДНА ОД ОВИЕ ДВЕ СЛУЧКИ! ГЛАСАЈТЕ И ЗАЕДНО ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖИМЕ ПРИКАЗНАТА!

Идеи кои се споделени за ова поглавје


Сподели мислење за поглавјето