Додај свој спин!

Поглавје 1: Чимп

Ме прашуваш од каде тоа Чимп? Е, па, на што те асоцира? На мајмун? Е, па, не е. Човек е. А и ликот не му е баш мајмунски. Ако веќе ме прашуваш, неговото лице повеќе наликува на тревопасно животно или, можеби, на зебра. Со луле од абонос во левиот агол на своите впечатливи усни.

Да, Чимп пуфкаше луле, зашто му се чинеше дека тоа луле оди со професијата. Имено, Чимп беше помлад инспектор во 15-тата интерпланетарна полициска станица. Да, да, во негово време, односно кон средината на 23. столетие, поточно во месец ноември 2247 година кога почнува нашава приказна, интерпланетарните полициски станици, односно вработените во нив, беа извонредно вешти во одржување на редот и мирот во Вселената.

Дотогаш беа откриени секакви жители низ нашиот Сончев систем и подалеку, некои чудни и онака откачени, некои сèуште невидливи и инспекторот Чимп мораше да биде спремен да решава мистерии од најразличен тип. А тој, иако, како што рековме, беше млад инспектор, се чинеше многу добар во работата. Но, и покрај неоспорните успеси во почетоците на својата кариера, а можеби и поради нив (зошто мораше да троши многу време?), Чимп се чувствуваше страшно осамен.

Па, нормално, ќе речеш, кога постојано е на должност да ги открие и да ги фати злосторниците ширум вселената. Сигурно е некој забеган немтур, нонстоп зафатен со своите криминалистички истраги. Мислиш дека баш ќе имаш право. Тој беше дружељубив и му беше пријатно со луѓето, а и ним со него, едноставно… немаше баш доволно слободно време да си ја најде онаа најблиската. Љубовта.

Затоа една ноќ, по успешно решената голема кражба на дијаманти на Сатурн, се логираше на платформата за Осамени Срца. Му беше малку срам и нервозно пуфкаше од лулето зашто, сепак, си дозволи, иако беше докажан млад инспектор, да влезе во некаква платформа за барање партнерка, дури и да го потполни прозорчето побарани квалитети– „паметна, љубопитна“. И токму кога појде да се исклучи од платформата на екранот, веќе му предложија кандидатка. Името ѝ беше Магда. Од прикажаните фотки оддаваше впечаток дека ретко излегува да се прошета, па станала многу срамежлива. Чимп, на извесен начин, колку што можеше, си помисли дека овој контакт може да се продолжи. Привлечноста беше засилена од неколкуте следни фотографии на кои се гледаше дека во слободното време таа свири виолончело. Не можеше, а да не замисли како додека ги свири композициите на Шуман, Брамс, Дебиси, ги извлекува со заклопени очи темните звуци во тишината.

Го напиша првото прашање и веднаш се прекори што е толку брзоплет: како ја поминува оваа вечер? Но таа брзо му одговори дека штотуку завршила со практицирањето на романсата за виолончело и клавир на Жан-Луј Дипор, но, како секогаш, немала партнер да ја придружува, или барем да ја слуша. Чимп кој, како што рековме, беше помлад инспектор, но и високо образована и културна личност, сепак не можеше во моментот да се сети кој е тој почитуваниот господин Дипор, па напомош ја повика старата добра Википедија: „Duport, Jean-Louis(1749-1819), француски виолончелист и композитор, толку ја усовршил техниката на виолончелото, што го направил речиси рамноправен на виолината.“ Меѓу другите понудени податоци, Чимп дозна дека Жан-Луј имал постар брат, Жан-Пјер, исто така виртуоз на виолончело, за кого Бетовен ги компонирал своите две сонати за виолончело и клавир оп.5.

Напиша: – Помладиот или постариот од браќата Дипор?, на што Магда, очекувано пријатно изненадена, повторно брзо реагираше: – Знаете за браќата Дипор? – Да – но реши да го промени предметот на разговорот за да не заталка на лабав терен, па натипка: – Каде живееш… – и додаде: Магда?

Што мислиш, ќе му ја каже ли таа својата адреса? И јас мислам да, но…

Тука ја завршуваме, или подобро речено ја прекинуваме приказната за Чимп. Зошто? Па, мислам дека е доволно кажано тој самиот да си ја продолжи во својот свет. Му посакуваме: остани доследен на својот љубовен инстинкт, драг Чимп, со своето луле од абонос меѓу усните. Би сакал да верувам дека твоите изгледи се сосем добри. Наскоро можеби ќе се сретнеш со Магда во живо. Сигурен сум дека тоа ќе биде мошне интересна средба – и обајцата сте сложени, но мили природи. Со среќа, пријателе!

 

***

 

Претпоставката дека ова патување се случило е оптимистичната варијанта на запознавање во живо меѓу Магда и Чимп, односно дека си се допаднале и продолжиле понатаму да се среќаваат. Вљубениот Чимп подготвува изненадување… успеа од шефот Сен Лу дури и да измоли една седмица да има слободни денови.

 

Еве како ќе ја чека Магда, пуфкајќи го лулето, на еден паркинг меѓу згради. Одвреме-навреме, ќе ги забрише прозорците на еден стар фолксваген, правлив, излупен, со испумпани тркала и налепница „се продава“. Магда задишана дотрчува.

– Дојде – ја гушка и ја бакнува. – Те чекав. Одиме…

 

Таа се обидува да се насмевне, иако очигледно ѝ е драго што тој е толку возбуден од секоја нивна средба: – Чекај малку да здивнам. А каде?

– На Венера.

– На Венера. А зошто таму?

– Па, затоа што, затоа што има најубаво име по твоето. И е единствената планета во нашиот Сончев систем што има женско име. Именувана е според римската божица на љубовта и на убавината. И затоа ти прилега. И колку што знам, сèуште не си ја посетила.

 

Тука треба да го појасниме она што веќе е кажано за младиот инспектор Чимп. Дека тој живее, создава и љуби во далечната иднина, кога меѓупланетарните летови биле вообичаени, а суштествата што денес ги делиме според раси, нации и политички систем, во ова време прилично се измешаа. Така, првите доселеници на Венера, илјада на број, беа испратени од матичната планета пред деветстотини и деведесет години, и оттогаш таму си живееја во согласност со новите услови. Меѓу тие први илјада, Американците демократи сакаа да уфрлат деветстотини свои, но, поради скапите билети се вмешаа и неколку десетици фанатични Кинези, руски филантропи во егзил, поранешни фудбалери и претседатели од Јужна Америка, како и понекоја алтернативна, но успешна уметница, која по одлично платените перформанси на земјата, чувствуваше потреба за свој ќеф да изведе еден и на Венера. Заминаа заедно и почнаа да ја градат официјалната и неофицијалната историја на новата татковина.

 

Но, да се вратиме на нашата двојка. Чимп, како и секој здодевен вљубен дообјаснува: – За нас, старите Земјани, Венера е најсјајната планета во нашиот Сончев систем. Од тука се гледа двапати…

– Знам, вели Магда, а Чимп продолжува: – …рано сабајле, на исток, пред изгрејсонце. Затоа народот ја вика Sвезда Деница. И приквечер, по заодот на Сонцето, на запад. Па ѝ дале уште едно име, Вечерница. А гледано од Венера, сонцето изгрева на запад, а заоѓа на исток.

– Не гњави, Чимп. Ајде да влеземе во чимпмонетот, па да појдеме.

„Чимпмонетот“ – веќе погодувате, е стариот фолксваген. Внатре е комбинација од фолксвагенот(волан, менувач) и вселенско возило (светлечки табли, компјутерски екран и слични новотарии што ние денес не можеме ни да си ги замислиме).

– Стави ја кацигата. Спремна?

– Спремна.

Чимпмонетот се одлепува од паркингот и со голема брзина се упатува кон небото, кон вселената.

 

***

 

Магде и Чимп, претпоставуваме, се чувствуваат по малку откачено.

– Ухухуу! Сèе во ред, навигатору Чимп?

– Лансирањето помина без проблеми, сопатничке Магде. Се упатуваме кон Месечината, па потоа налево, директно кон Венера.

– Чимп, да те прашам нешто. Колку близу е таа планета Венера?

– Зависи. Кога се наближува до Земјата, таа е близу, на само 42 милиони километри. Но кога се оддалечува, растојанието може да достигне 258 милиони километри.

– 258! Па, ние баш ќе се напатуваме.

– Не грижи се, Магде. Ги наполнив резервоарите со суперекстра гориво пред Владата повторно да го поскапи. За четири и пол часа сме на Венера. Плус-минус пет минути поради атерирањето.

– Четири и пол часа. Ќе огладнеме. Среќа што спремив сендвичи во торбата…

 

…По четири часа… во кабината на чимпмонетот се гледа планетата Венера.

– Чимп, навистина оваа Венера е многу убава. Ми заличува на нашата.

– Оддалеку како да се близначки. Иако површината на Венера е малку помала од онаа на нашата планета. За само 5 проценти. Но поблиску е до Сонцето, па ѝ треба помалку време да се заврти околу него. Една година на Венера трае 224 и пол дена… А сега, максимална концентрација. Минуваме низ обвивката од густа магла.

– Ништо не се гледа.

– Не грижи се, Магде. Обвивката е на осум километри од почвата. Затоа се создава ефектот на стаклена градина.

– Како оние кај нас под кои растат домати. Големи се, румени, ама велат го немаат оној вкус како оние природните какви ги јаделе нашите предци.

– Еволуција, Магде, еволуција! Човештвото не може да запре на патот на напредокот поради некои сочни домати. А умееле ли тие твои предци да летаат меѓу планетите како ние сега? Моите сигурно не!

– Можеби имаш право, Чимп. А, еве ја! Венера! Еј, види ги оние високи планини! Пуштаат молњи!

– Тие планини се вулкани, Магде. Слетуваме.

 

Чимпмонетот активирајќи ги кочниците се спушта безбедно врз каменестиот предел на Венера.

– Браво, навигатору! – аплаудира Марта.

– Благодарам… е, сега, бидејќи надвор е +462 степени целзиусови…

– Колкуу?

– 462 во просек, што значи дека некогаш температурата е пониска за десетина степени, а некогаш повисока.

– Ништо не ми значат тие десетина степени. И на нашата мајка планета зимите и летата одамна се измешаа, но, сепак, олку… Да беше едно 440 степени пониска, ќе беше подобро.

– Бидејќи надвор е топло колку што е, ќе ги облечеме нашите скафандери.

Ги облекуваат скафандерите.

– Затвори ги очите, Чимп.

– Молам?

– Затвори ги очите. Сега кога стапнуваме на Венера, сакам првите чекори да ги направиме со затворени очи. Така нема да знаеме дали одиме по вжештени камења или по вода. Или дали чекориме по воздух. Нема да знаеме ни кои сме, ни што сме.

– Убаво звучи, Магде, ама се плашам да не се препнеме.

– Само неколку чекори, Чимп. За моја љубов.

А, како што е познато, вљубените се најчесто слепи, па така и Чимп ја послуша Магда и прилично несмасно, држејќи се за раце, почнаа да шетаат по каменитата површина на Венера.

 

***

 

Кога ги отворија очите, пред себе видоа уште еден човек, односно Венеријанец.

Тука авторот чувствува дека е потребно да се кажат неколку податоци за извесните промени што се случија кај жителите на Венера од нивното доаѓање на планетата до доаѓањето на Магда и Чимп. Значи, по деветстотини и деведесет изминати години. Промени, на пример, во изгледот. Авторот веќе нагласи дека дејството на оваа приказна се одвива во далечина, многу далечна иднина, но и тогаш, односно до тогаш Магда, за разлика од Чимп, не беше видела Венеријанец во живо, туку, можеби, само посредно преку визуелните чипови што на сите Земјани им беа вградувани како бебиња, за да, под број еден, побрзо и полесно примаат информации, под два, да се внимава на нивната безбедност. Иако извесен број граѓани, меѓу нив и Чимп се подразбира, се бунтуваа поради ваквата практика, по ефикасниот курс на превоспитување тие ја прифатија како најдобро можно решение за информирано живеење и превенција од можни ексцеси. Значи, Магда имаше визуелна претстава како изгледа еден Венеријанец, но, сепак, беше збунета кога го виде во живо. Она што најпрвин го забележа, беше бојата на неговата кожа. Знаеше дека таа е поинаква, но ваква?! Иако првите доселеници, предците на денешните Венеријанци беа од белата, црната и жолтата раса, нивните потомци имаа сина кожа. Сина! Чудно, но впечатливо. Тоа синило ги правеше некако издолжени, елегантни, горделиви на својата посебност. Дури и скафандерите, што поради специфичните услови на планетата мораа да ги носат, беа така дизајнирани, со толкава проѕирност, за да уште повеќе се истакне бојата на кожата (за Венеријанците воопшто владееше мислење дека обрнуваат премногу внимание на својата појава!).

Но, освен тоа, Земјаните мораа да им признаат на жителите на Сојузна Република Венера дека го беа толку развиле своето сетило за допир, што преку него можеа да го насетат не само обликот, туку и мирисот и вкусот на предметот што го допираа. Тогаш, во моментите на сосредоточеност или на голема возбуда, кожата на Венеријанците стануваше уште попроѕирна, како да беше градена од желатин.

– Вашите пасоши, ве молам.

Венеријанецот беше дел од планетарната полиција.

 

***

 

Додека трае царинската контрола за Магда и Чимп, а Венеријанецот цариник со своите суперсензитивни прсти (што, рековме, умеат да разликуваат и мирис и вкус, па Магда, и не сакајќи, почувствува нешто слично на еротска дразба) ги претресува патниците, да се вратиме на историјата на Венера. Во некоја геополитичка смисла, царината е поврзана со суверенитетот, границата со самоопределбата, колку тоа нелогично и да звучи. Колку повеќе се двоиш и се дистанцираш од другите, толку повеќе си сигурен на својата територија! Иако авторот лично е раздразнет од ваквиот став, мора да признае дека тој, практично, функционирал од праисторијата до времето на меѓупланетарните екскурзии, за што се раскажува во оваа заплеткана приказна.

 

И историјата на Венера познаваше такви претумбации меѓу кои и „своето“ и „туѓото“. Првите сто години од пристигнувањето на доселениците на Венера тие беа третирани, а и себе си се третираа, како истражувачи колонизатори, кои својата матица Земја ја снабдуваа со научни откритија, но и со рудата наречена „венерит“, со исклучително важна и скапа енергетска суровина и со огромна моќност. Не помина ни деценија, а соодносот меѓу истражувачките резултати и копањето руда драстично се промени во корист на второто. Во таа смисла, некако се подразбираше, од логиката за водење големи зделки, дека рудниците за венерит на Венера ќе бидат (и беа!) под концесија на мултинационалните компании од Земјата, што доселениците ќе ги вработуваат како работници и службеници во рудниците, додека „централата“ од безбедна оддалеченост ќе раководи со бизнисот. Можете да претпоставите колкав беше профитот на компаниите (односно нивните сопственици), а колку, наспроти тоа, ниско платен трудот на копачите на венерит во крајно тешки услови. Очекувано, кај Венеријанците се јави најпрвин чувството на искористеност, па на социјалната неправда, па на бунт против вселеноколонијализмот, па барање на правото на суверенитет.

 

Протестите се ширеа најпрвин тивко, потоа сèпогласно, додека еден ден (кој потоа ќе се слави на Венера како „Ден на независноста“), на изборите сецесионистите извојуваа убедлива победа, по што веднаш ја прогласија Венера за независна Сојузна Република. Овој чин веднаш, од Земјата, од страна на Обединетите нации, што инаку беа сè, само не обединети, но во овој случај искрено здружени, беше осуден како „самоволен и терористички акт“. Почна беспоштедна медиумска војна, добро позната по својот поган ефект на Земјаните кои низ вековите се судираа и поништуваа меѓу себе, но којашто, како и секогаш, се покажа ефикасна во насочување и оглупавување на јавното мнение. Ако под „мнение“ може да се подведе гласот на навивачката толпа, што медиумите го подесуваа според своите потреби. Наскоро низ целата планета Земја се разгоре омразата против „недемократскиот, нечовечки“ венеријански режим. Дури и блиските роднини од Земјата почнаа да ги гледаат своите втори и трети братучеди на Венера како отпадници, криминалци, како банда профитери со кои, по некоја случајност имале заеднички прадедовци и прабаби. Сардисани од сите страни, Венеријанците мораа да си го купат суверенитетот: склопија договор со Обединетите нации (читај: мултинационалните компании) да добијат државност, а за возврат да испорачуваат секоја година до Земјата 101 тон и 101 килограм од скапоцениот венерит.

 

Во меѓувреме цариникот го заврши прегледот („премногу кратко“, помисли Магда) и им посака пријатен престој на Венера, па двајцата вљубени од космодромот, каде што го оставија чимпмонетот меѓу паркираните летала, се упатија кон хотелот „Афродита“, каде што имаа резервиран викенд-престој. Додека летаа со такси-шатлот, можеа под нив да забележат гикену стаклени куполи, што ги штитеа од високите температури живеалиштата на Венеријанците. Да видиме што ќе им се случи понатаму, а во паузите сигурно ќе најдеме време да ја дораскажеме венеријанската историја.

 

***

 

Околу хотелот што се наоѓаше под една таква купола, се простираше расцутена градина со егзотични растенија и базен со водоскок, во кој одвреме-навреме потскокнувајќи над површината, пливаа пламени риби.

 

Сопственикот на хотелот, господинот Амброзиј, беше зборлест и љубезен:

– Мојот хотел ми требаше време да го средам најмногу поради микроклимата, но го направив за да биде тип-топ. Рајска градина на сред пустина. – Очигледно човекот беше горд на своето дело:

– Слободно, симнете ги скафандерите. Овде слободно се дише.

 

Возбудата на сопственикот на хотелот беше видлива и врз неговата кожа:

– Чимп, низ него се гледа градината назад – му шепна Марга – како на филм.

Видливоста низ сино-желатинската кожа на Амброзиј уште повеќе се зголеми, кога во фоајето на хотелот им се придружи една преубава Венеријанка.

– Ова е жена ми Афродита – пропелтечи.

– Дитка – се претстави таа.

– Очигледно е по кого е именуван хотелот – се вметна Чимп, кој не можеше, иако тоа малку ја изнервира Марга, да остане рамнодушен пред појавата на ова женствено суштество во син фустан, за неколку нијанси потемен од нејзината кожа, со срцелико деколте и припиен горен дел до половината.

 

Она што го дополнуваше восхитот, покрај совршенството на нејзината фигура, беше благоста на нејзиното лице. Тоа ја имаше благородноста на оние женски портрети од многудамнешниот период во развојот на планетата Земја што се нарекуваше Ренесанса. Сега потенцирано и со таа необична сина боја што на Афродита ѝ даруваше нешто дури ангелско.

Од каде тоа благородно синило на нивната кожа? Постои, нормално, медицинско објаснување дека бојата на кожата на Венеријанците почнала да се менува поради постојаното долготрајно значење од венеритот. Но факт е дека по осамостојувањето на С. Р. Венера, посинувањето на кожата на нејзините жители се интензивираше. А дали тоа не беше, можеби, резултат на нивниот вековен стремеж конечно да се раздвојат од туторството на алчните роднини од Земјата? Не се вклопуваа во тогашниот ред на нештата, па решија да се разликуваат. Чимп беше убеден дека во тоа има вистина. Додека во историските енциклопедии читаше за антивенеријанската хистерија (опишана, се подразбира, разблажено), Чимп сосем го разбираше револтот на Венеријанците поради понижувачката положба во која ги фрли окупациската политика на Земјаните. Чимп беше од оние ретки поединци кај кои безуспешно завршува секој обид да се впрегнат во орото на популистичките толпи, со коишто тогаш царуваа испрчените или скриените диктатори низ сите континенти на планетата Земја. Единствена организација во која членуваше беше „Љубов без граници“, за поддржување љубовни и брачни врски меѓу различните цицачи.

 

Лесно е да се претпостави дека таква личност, и пред да ја посети Венера, имаше симпатија не само за достоинствениот, мирољубив, но и цврст карактер на нејзините жители, туку и за нивната специфичност и различност.

 

***

 

Љубезните домаќини го одведоа до апартманот, а потоа ги повикаа во салонот на хотелот за да се освежат со „нектарочело“, коктел што се произведуваше исклучиво на Венера, од природни состојки на овошја и билки, чија комбинација им беше позната само на венеријанските мајстори. Иако компаниите од Земјата се обидуваа на најразлични начини да дојдат до тајната формула за правење на овој волшебен напиток, благодарение на солидарноста на Венеријанците, таа сèуште остана тајна.

 

Сите простории на хотелот – апартманите, ходниците, салонот – беа уредени со вкус и естетски беспрекорно – внимателно изработен, но удобен мебел, ѕидови на чија променлива површина трепереа лелеави тонови на ласерски танц, а меѓу нив, како сјаен контрапункт, изникнуваа неколку антикварни масла на платно, меѓу кои Чимп го препозна женскиот акт на еден древен автор по име Реноар.

– Амброзиј, дозволете нешто да ве прашам. Вие, како се најдовте тука? – праша Марга, меѓу двете голтки „нектарочело“.

– А, нашите се тука одамна.

– Тоа и се гледа по нас, нели – додаде Дитка со насмевка.

– Дедовците на нашите дедовци кога дојдоа тука, на Венера, мораа да најдат нешто под кое ќе се скријат од големите жештини.

– А бабите на вашите баби? – го прекина Марга, како и секогаш спремна да се бори за родовите права, иако Чимп се обиде да ѝ даде знак да се смири.

– Молам? – се подзагуби Амброзиј – како тоа мислите?

– Мислам, што правеа тие кога им беше жешко?

Тука се вмеша Дитка, со насмевка: – Па и тие се скрија под куполите, се разбира, нели.

Амброзиј потврди: – Како што кажа Дитка, куполите ги спасиле. Секако во почетокот тие биле многу попримитивни куполи, но штителе од жештините.

– Навистина сте постигнале многу со вашата упорност – не го криеше восхитот Чимп.

– Знаете, драг Чимп – се надоврза Дитка – нашите научници велат дека пред 4 билиони години Венера и Земјата биле сестри близначки, но како што минувало времето, Земјата станувала сèпозелена и понаселена, а Венера сèпокаменеста, нели…

– А сега Земјата е пренаселена и не баш зелена! – се замеша Марга.

– …ние сме имале вода исто како и вие, но поради високите температури, нели затоа што сме поблиску до Сонцето, таа вода почнала да испарува и како што испарувала, атмосферата станувала уште потопла, нели, и тоа пак ја терало водата уште повеќе да испарува. Затоа сега надвор насекаде е суво и жешко.

– Но затоа внатре е толку пријатно…

– Ви благодарам Чимп. Знаете, ние Венеријанците не подлегнуваме на депресијата, иако сме населени на ваков терен. Успеавме да изградиме свет во којшто се чувствуваме пријатно. А и нашите гости, велат дека тука, кај нас, им се подобрува душевната состојба…

– Навистина е убаво тука. Куќата, сакав да речам хотелот…

– И градината. И рибите, тие посебно! – извика Марга – баш би сакала да ги видам одблизу.

– Одлична идеја, нели? Дојдете да ви ги покажам.

 

Тргнаа кон градината да го продолжат својот разговор, а Марга да ги погледне рибите одблизу. Во тој момент, холофонот на Чимп почна да ѕвони. Тој се обиде да го стиши и да ја продолжи својата прошетка со Марга и со внимателните домаќини, но холофонот ѕвонеше повторно и повторно.  Повикот беше со назнака итен, од канцеларијата на шефот Сен Ру. Мораше, сакал, не сакал, да одговори.

– Како си Чимп?  – се појави холограмот на позната, дебела и задишана фигура на Сен Ру.

– Добро е, шефе. Штотуку стигнавме, се сместив…

Шефот, по обичај, не го ни сослуша, веднаш мина на вестите. Не беа добри. Чимп мораше, што е можно побргу, да се упати кон сателитот Фобос каде ќе се сретне со неговиот колега Лео, кој ќе го запознае со случајот – важен случај, нагласи Сен Ру.

 

Спин за наредно поглавје

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ЕДНА ОД ОВИЕ ДВЕ СЛУЧКИ! ГЛАСАЈТЕ И ЗАЕДНО ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖИМЕ ПРИКАЗНАТА!

Идеи кои се споделени за ова поглавје


Зошто „венеритот“ што се произведува Венера е толку важен за Земјата?
Како го замислувате сателитот Фобос? Каде се наоѓа и зошто токму таму нашиот Чимп и новиот инспектор Лео треба да се сретнат?
Што мислите, од каде младиот инспектор Чимп го добил неговиот прекар?
Како го замислувате Лео?
  1. itan
    itan
    мај 12, 2020 at 13:50

    Земјата зависи од венеритот бидејќи научниците откриле дека може да помогне во намалување на загадувањето на воздухот.

    2
  2. Hristina
    Hristina
    мај 19, 2020 at 23:46

    Leo e visoko inteligentna dama. Bavno se dvizi no nosi brzi odluki. Ima mali dlanki, razvieni ramena i mek lik. Vistinskoto ime i e Leonida no poradi nejzinata dominantnost site i se obrakjaat so Leo.

    1
  3. itan
    itan
    мај 12, 2020 at 13:52

    Фобос е како еден голем аеродром. Таму живеат вработените кои работат на Фобос. Таму нема не живее ниту едно дете. Фобос е важно место за Земјата бидејќи ги чува сите податоци и случувања на земјата. Тој е како големо УСБ за Земјата.

    1
Види Повеќе Коментари